Вулкан

Вулкан — отвор или пукнатина во земјината кора низ кои магмата избива на површината како лава. Вообичаено, тие се јавуваат по должината на границите на плочите на кората: повеќето вулкани се наоѓаат во појас наречен Тихоокеански Огнен Прстен, кој се протега по должината на работ на Тихиот Океан. Вулканите може да бидат класифицирани според јачината и честотата на нивните ерупции. Неексплозивните вулкански ерупции, главно, се јавуваат таму каде што плочите на Земјината кора се одвојуваат една од друга. Овие ерупции создаваат многу течна базалтна лава, која брзо се шири низ пространата област и создава релативно рамни конуси. Најаките ерупции создаваат густа лава и можат да исфрлат во вид на експлозии, облаци од прав и пироконгломерати. Лавата тече непосредно пред да се излади и затоа гради конусни вулкани со стрмни страни. Некои вулкани создаваат лава и ерупции од пепел, што градат сложени вулкански конуси. Вулканите што имаат чести ерупции се наречени активни, а тие што имаат ретки ерупции се нарекуваат заспани и тие што прекинале со еруптирање се наречени изгаснати вулкани. Една од поедноставните дефиниции е според каталозите на Глобалната вулканска програма е дека активен вулкан е оној што избувнал од последното ледено доба наваму (т.е. во минатото ~ 10.000 години), заспан (неактивен) вулкан е оној кој не избил во изминатите 10.000 години, но кој се очекува повторно да еруптира а изгасен вулкан е оној од кој не се очекува повторно да еруптира. Честопати е тешко да се утврди кои вулкани се изгасени и кои се неактивни. Причината за ова е дека вулканите можат да поминат децении, стотици години, па дури и стотици илјади години пред да избувнат. Некои вулканолози како неактивни ги класифицираат вулканите кои не избувнале во последните 10.000 години (крајот на последното ледено доба и почетокот на Холоценот). Освен вулканите, во други појави поврзани со вулканските региони се и гејзерите, жешките минерални извори, солфатарите, пукнатините во вулканскиот конус од кои избива само чад и пареа и врелите базени со кал.

Големите ерупции можат да влијаат на температурата, бидејќи пепелта и капките на сулфурна киселина го прикриваат сонцето и ја смируваат пониската атмосфера на Земјата (или тропосферата). Тие исто така ја апсорбираат топлината што зрачи од Земјата, со што се затоплува горната атмосфера (или стратосферата). Историски гледано, вулканските зими предизвикуваат климатски промени со катастрофален глад.