简化字 ( Упростено кинеско писмо )

Упростени кинески знаци (кин. упр. 简体字 трад. 簡體字; пинјин: Jiǎntǐzì) се стандардизирани кинески знаци пропишани во „Список на општоприсутни знаци во современиот кинески јазик“ во Кина. Заедно со традиционалните знаци, ова е стандардниот збир знаци на пишаниот кинески јазик. Владата НР Кина го вовела системот уште во 1950-тите години како мерка описменување на населението. Упростеното писмо е службено во НР Кина и Сингапур.

Традиционалните знаци се користат во Хонгконг, Макао и Тајван, како и добар дел од кинеската дијаспора.

Упростените знаци службено се нарекуваат 简化字 (Т: 簡化字, џиенхуаце), а разговорно се наречени 简体字 (Т: 簡體字, џиентице). На самиот почеток на големиот потфат за упростување во во 1952 г. Мао Цетунг изјавил дека упростувањето ќе се состои од измена на структурата на знаците, и значително намалкување на нивниот број.

Упростените облици на знаците се создадени со намалување на бројот на потези и поедноставување на општиот облик на голем дел од традиционалните знаци. Некои од упростувањата се водат според народните раскописни облици, кои самите претставуваат поедноставувања на графичките и фонетските елементи на традиционалните облици. Некои знаци се упростени со примена на еднообразни правила, како на пр. заменувајќи ги сите јавувања на извесен дел со негова упростена верзија. Онаму кадешто има повеќе знаци со ист изговор и значење (хомоними) се сведени на само еден, обично најпростиот. Сепак, треба да се напомене дека постојат многу знаци што остануваат неизменети и изгледаат исто како во традиционалниот стандард.

Некои упростени знаци изгледаат мошне различно од традиционалните облици, особено кај оние каде извесен дел е заменет со со произволен прост симбол. Со ова, противниците на упростување што не се упатени во методите да речат дека целото упростување е произволно. При упростувањето се применуваат впрочем малку правила и сите се доследни. Од друга страна, поборниците за упростување честопати посочуваат неколку посебно избрани знаци како генијални изуми, но тие се впрочем варијанти што постоеле стотици години. Расправата за упростувањето на знаците продолжува и денес.

Во 1977 е воведено второ коло на упростувања, но истото е повлечено од повеќе причини. Иако веќе долго време нема значајни промени во писмото, владата никогаш се нема официјално изјаснето дека се откажува од понатамошно упростување. Во август 2009 г, надлежните почнале да го испитуваат јавното мислење по предложен список на изменети знаци.

Упростувањето на знаците е извршено и во Сингапур и Малезија, кои имаат бројно кинеско население.