Синхалски јазик

Синхалскиот (සිංහල siṁhala /ˈsiŋɦələ/), или понекогаш наречен синхалезиски, е индоариски јазик, од групата на индоирански јазици од семејството на индоевропски јазици. Јазикот е мајчин јазик на Синхалите, доминантната етничка група на Шри Ланка. Синхалскиот е национален и службен јазик на Шри Ланка. На Шри Ланка околу 16 милиони Синхали го зборуваат како мајчин јазик, а како втор јазик го зборуваат околу 3 милиони луѓе. Синхалскиот се пишува на синхалска азбука. Најсроден на синхалскиот јазик е малдивскиот, но не се меѓусебно разбирливи. Двата јазика ја сочинуваат подгрупата островски индоариски јазици од групата на јужни индоариски јазици.