汉语拼音 ( Пинјин )

Пинјин (кин. 拼音, пинјин: pīnyīn; [pʰín ín]) — официјален систем на транскрипција на кинеските знаци на латиница во Кина, Малезија, Сингапур и Тајван, а се користи и нашироко во целиот свет. Честопати наоѓа примена и како помагало за изучување на кинескиот јазик, за претставување на кинески имиња и поими во други земји, но и како метод за внесување на кинеските знаци кај сметачите.

Автор на системот е Џоу Јоугуанг (р. 1906) кој го осмислил во првобитна верзија кога претседавал со комитетот посветен на романизација во рамките на владата на НР Кина во 1950-тите. Владата го објавила системот во 1958 и оттогаш неколкупати е преработен. Во 1982 пинјинот го прифатила и Меѓународната организација за стандардизација како меѓународен стандард ISO 7098. Во 2009 Тајван го усвоил системот како официјален, каде се нарекува „Нов фонетски систем“.

Пинјин е една од двете појдовни азбуки преку кои е добиена македонската транскрипција на кинескиот јазик (другата е Вејд-Џајлс).