Zimanê kurdî ( Курдски јазик )

Курдскиот (Kurdî или کوردی) е ирански јазик, дел од групата на индоирански јазици од семејството на индоевропски јазици. Курдскиот јазик е мајчин јазик на 25 до 35 милиони Курди во Мала Азија и Блискиот Исток. Според податоците на CIA, околу 10% од вкупното население на Иран зборува курдски и според нивните податоци има околу 25 до 30 милиони луѓе што зборуваат курдски.

Курдскиот јазик не е унифициран стандарден јазик, туку збир јазици (или дијалекти) кои ги користат Курдите. Во поширока смисла, поимот опфаќа јазични варијанти кои може и да не се разбирливи меѓу себе. Вториот службен јазик во Ирак, често именуван во документите како курдски е всушност стандардизирана форма на соранскиот дијалект.

Пишаниот курдски јазик најчесто се сретнувал во поезијата сè до раниот 20 век, кога курдскиот јазик почнал да се користи за поопфатни книжевни дела. Денес курдскиот има две пишани стандардизирани форми: курманџиски дијалект, во северните делови на регионот Курдистан, и сорански дијалект во источните и јужните предели. Покрај овие два стандардизирани дијалекти, постои и групата на зазогорански јазици, кои се зборуваат од неколку милиони Курди. Авроманскиот дијалект на гуранскиот јазик бил значајна пишана форма која ја користеле Курдите, но полека бил заменет со соранскиот дијалект во 20 век.