Lama glama ( Лама )

Оваа статија е посветена на вид животно. За духовниот водач, видете Лама (будизам).

Лама (науч. Lama glama) — домашно животно од Јужна Америка од семејството на камилите. Народите на Андите ја одгледуваат уште од најстари времиња за месото и поради нејзината полезност како товарно животно.

Возрасните единки се високи од 1,7-1,8 м (до темето) и тежат околу 130-200 кг. Кога ќе се роди, младенчето (наречено „крија“) тежи 9-14 кг. Ламата има животен век од 20–30 години, зависно од квалитетот на животот. Ова е мошне друштвено животно и живее во стада. Волната ѝ е мека и нема ланолин. Животното е прилично интелигентно, и учи прости задачи по неколку повторувања. Ако е натоварена со самар, ламата може да носи околу 25% до 30% од сопствената тежина долж 8-12 км.

Поимот „лама“ потекнува од кечуанскиот јазик, а потоа влегол во шпанскиот како llama.

Ламите потекнуваат од централните рамници на Северна Америка пред околу 40 милиони години. Во Јужна Америка се преселиле пред 3 милиони години. Кон крајот на последното ледено време (пред 10.000–12.000 години), сите видови од семејството на камилите во Северна Америка изумреле. Денес во Јужна Америка има 7 милиони лами и алпаки. Кон крајот на XX век, овие животни се донесени и во САД и Канада, каде денес има 158.000 лами и 100.000 алпаки.