春節 ( Кинеска Нова година )

Кинеска Нова Година (т:農曆新年) е прослава на почетокот на новата година според традиционалниот кинески календар. Прославата се нарекува и Празник на пролетта или Пролетен фестивал. Секоја година е на различен датум, а паѓа на првата млада месечина од првиот месечев месец, или околу четири до осум недели пред пролетта. Датумот е секогаш меѓу 21 јануари и 21 февруари според грегоријанскиот календар. Традиционално оваа прослава е одбележана со прослава на едно од дванаесетте животни кои се основа на кинеската астрологија.

Оваа прослава е една од најважните во Кина, и една од најпрославуваните. Се прославува насекаде низ светот каде живее поголема група на Кинези, на пример во Сингапур, Индонезија, Малезија, Тајланд, Камбоџа, Филипини и Маврициус, како и во многу делови од Северна Америка и Европа.

Кинеската нова година е поврзана со неколку митови и обичаи. Прославата е време на оддавање почест на боговите и предците. Во кина, обичаите поврзани со прославата се разликуваат од регион до регион, а вечерта пред новата година најчесто семејствата се собираат на заедничка вечера. Традиција е секое семејство да ја исчисти куќата, со што се исфрла лошото и се прави место да влезе добрата среќа. Обичај е да се украсат прозорците и вратите со фигури од црвена хартија. Меѓу другите традиционални активности е употребата на петарди како и давање пари во црвен плик.