Хипи-движење
Хипи супкултурата првично било младинско движење кое започнало во САД во текот на средината на 1960-тите години и брзо се проширило во другите земји околу светот. Етимологијата на изразот „хипи“ е од зборот hipster (панталони на колк) и се користело да ги опише битниците кои дошле во селото Гринвич, околината на градот Њујорк и во областа Хеит Ешбери во Сан Франциско. Раната хипи-идеологија ги вклучувала контракултурните вредности на бит-генерацијата. Некои создале свои сопствени општествени групи и заедници, слушале психоделичен рок, ја прифатиле сексуалната револуција и користеле дроги како што е марихуаната и ЛСД, со цел да ги проучат алтернативните состојби на свеста.
Во јануари 1967 година, настанот Human Be-In (Човеково битисување) во паркот Голден Гејт во Сан Франциско ја популаризира хипи-културата, водејќи кон легендарниот настан Лето на Љубовта на западниот брег од Соединетите Држави и кон Вудсток фестивалот на источниот брег во 1969 година. Хипиците во Мексико, познати како хипитекас, ја формираа Ла онда чикана и се собираа кај Авандаро, додека во Нов Зеланд номадските хаустракери (групи кои ги претворале старите камиони и автобуси во подвижни домови за живеење) практикувале алтернативен животен стил и промовирале одржлива енергија во Намбаса. Во Обединетото Кралство, мобилните „мировни конвои“ на патниците од новото доба правее летни аџилаци на бесплатните музички фестивали во Стоунхенџ. Во Австралија, хипиците се собраа во Нимбин за фестивалот Аквариус (водолија) во 1973 година и годишното рели за реформи во законот за канабисот (марихуана) во МардиГрас. Во Чиле беше одржан фестивалот „Пиедра Роха“ во 1970 година и тој беше главниот хипи настан во таа земја.
Хипи модата и вредности имаа големо влијание врз културата, поп-музиката, телевизијата, филмот, литературата и уметноста. Од појавата на широко распространетото движење во 1960-тите години, многу аспекти на хипи културата беа асимилирани во доминантната струја на општеството. Религиозната и културна разнообразност што ја поддржуваа хипиците беше широко прифатена, а источната филозофија и духовниот концепт привлекоа голема публика. Завештанието на хипиците може да се гледа во современата култура во мноштво од форми - од здрава храна до музички фестивали, до современи сексуални обичаи (норми на однесување), па дури и до револуцијата во киберпросторот.