Gaule ( Галија )

Галија (латински: Gallia) — назив на регион во Западна Европа, кој ги содржел северните делови од денешна Италија, Франција, Белгија западниот дел од Швајцарија и некои делови од Холандија и Германија на северниот брег на реката Рајна. Покривала површина од 494.000 км2. Според сведочењето на Јулиј Цезар, Галија била поделена на 3 дела: Келтска, Белгиска и Аквитанска Галија. Латинското име за Галија, кое сѐ уште се користи во Грција како актуелно име за Франција, е ‘’Gallia’’. Галите, под водство на водачот Брен го опљачкале Рим во 390 година п.н.е. Во светот на егејската цивилизација, голема миграција на источни Гали се појавила во Тракија, северна Грција, во 281 година п.н.е. Друг галски водач кој исто така се викал Брен, на чело на голема војска, во последен момент бил спречен да го уништи храмот на Аполон во Делфи во Грција - се верува дека бил предупреден од боговите со предзнак од грмежи и молњи. Во исто време една миграциона група од Келти, околу 10,000 војници, со нивните жени, деца и робови, поминувале низ Тракија. Три галски племиња преминувале од Тракија кон Мала Азија на итна покана од Никомед I, кралот на Витинија (која била мало место јужно од Босфорот и Црно Море во северниот дел од денешна Турција, југоисточно од денешен Истанбул), кој побарал помош за династиската борба против својот брат. Тие се населиле во источна Фригија и Кападокија во централна Анадолија, регион оттогаш познат како Галација (‘’Galatia’’).

Destinations